1. Ревизорски извештај за една компанија, е како крвна слика за еден човек. Зошто една компанија би требало да направи ревизорски извештај? Кои се предностите?
Ревизијата на финансиските извештаи има долга традиција во развиените земји на пазарна економија, а особено дојде до израз со формирањето на големите акционерски друштва.
Ревизијата како метод на испитување на финансиските извештаи има за цел да помогне во одговорноста и контролата на водењето на економските активности во друштвата. Ревизорските извештаи обезбедуваат извесна сигурност дека одлуките и постапките на сопствениците и менаџерите нема да бидат донесени врз основа на непознати околности или квалитет.
Битна улога на ревизијата од секогаш била да обезбеди мислење на независен експерт за тоа дали финансиските извештаи даваат вистинска и објективна слика, односно дали вистинито и објективно ги прикажуваат финансиската состојба на друштвото и резултатите на неговото работење.
Ревизијата игра клучна улога за воспоставување на доверба помеѓу: сопствениците и менаџерите; правниот субјект и потенцијалните инвеститори; правниот субјект и пошироката јавност; и правниот субјект и државната (даночна) власт. Всушност менаџерите, инвеститорите и државата се главните корисници на ревизорскиот извештај.
2. Важите за најголемата ревизорско консултантска куќа во Македонија. Дали големината и одговорноста која ја имате е уште поголем предизвик во работењето?
Grant Thornton како една од водечките ревизорски и деловно советодавно професионални фирми во Македонија е насочена кон потребите на друштвата во приватна и јавна сопственост во регионот, нудејќи широк спектар на професионални услуги како што се ревизија на финансиски извештаи и специјалистички советодавни услуги.
Од почетокот на формирањето на нашата фирма во 1999 година па се до денес ние бележиме постојан двоцифрен раст. Во целиот десегодишен период ние постојано инвестиравме во нашиот развој и тоа најмногу во новите технологии и во нашите вработени преку контитнуирани обуки и едукација. Денес фирмата е со 3 канцеларии во Скопје, Приштина и Тирана и во неа се вработени преку 60 професионалци, од кои 12 овластени ревизори, 3 партнери и 12 менаџери, што зборува за капацитетот и експертизата што ја имаме.
Секако дека со развојот на фирмата и зголемувањето на бројот на нашите клиенти се зголемуваше и одговорноста во работењето, но тоа претставуваше уште поголем предизвик во нашето работење за обезбедување на нови и поквалитетни услуги. Комбинирајќи богато искуство и деловна експертиза, глобални ресурси и бројни успешни ангажмани, ние ги користиме вистинските луѓе, вештини и технологии за да им помогнеме на клиентите да ја подобрат успешноста во работењето.
3. Давате и консултантски услуги. Колку тие придонесуваат кон зголемување на ефикасноста во работењето?
Grant Thornton инвестираше многу во развој на консултатските услуги со специјализација на нашите вработени за обезбедување на специалистички советодавни услуги како што се проценки на вредноста на капиталот, проценка на материјалните средства, трансакциони услуги, бизнис услуги за оценување на деловен ризик, спојувања и превземања на друштва, проектни финансии, реструктуирање и реорганизација и слично.
Секако дека овие специалистички советодавни услуги обезбедуваат бенефит за нашите клиенти кој резултира во зголемување на ефикасноста на работењето, прилагодување кон новите кризни услови на стопанисување и искажување на позитивни резултати во работењето.
И покрај користа што друштвата ја имаат од вакви консултатски услуги бројот на друштвата што ги побаруваат консултантски услуги сеуште е мал во споредба со развиените земји каде ниедна стратешка одлука не се носи без советување со специјализирани консултанти.
Една од причините за тоа секако е и недоволната запознаеност на дел од менаџерскиот кадар какви се консултатски услуги може да добијат, а кои ќе им помогнат во водењето на нивниот бизнис. Како лимитирачки фактор може да се земе и финансиската состојба со која се соочуваат нашите друштва во овој долг период на транзиција, проблемите на несолвентност, неликвидност и сл. Во услови на преживување и борба за опстанок на пазарот менаџерите, па и сопствениците не се волни да “трошат” на консултанти.
4. Како што се развиваше финансискиот сектор во Македонија, јакнеше и ревизорско консултанскиот сектор. Какво е чувтсвото после толку години? Дали има напредок во вашата професија?
Секако дека со развојот на пазарната економија, а во тие рамки и на финансискиот сектор јакнеше и ревизорско консултатскио сектор или како ние го нарекуваме сектор на професионални услуги.
Професионалните услуги, а пред се консултатските се уште се во фаза на развој со оглед дека и после скоро две децении од градењето на пазарната економија сеуште се нудат ограничен број на услуги кои се сведуваат на деловен консалтинг вклучувајќи изработка на бизнис планови за потребите на добивање кредити од банките, а во ограничен број проценка на вредноста на капиталот, финасиска анализа на работењето, маркетинг анализа и сл.
Ревизорската професија бележи виден напредок во изминатите години која е законски и институционално регулирана. Професијата ревизор е една исклучително одговорна професија. Со донесувањето на Законот за ревизија и формирањето на Институтот на овластени ревизори се постави рамката за работење на ревизорите што секако влијаеше и на зголемување на одговорноста на ревизорите, како и на квалитетот на ревизиите, иако сеуште постои простор за унапредување на ревизорската професија.
5. Колку компаниите се отворено во своето работење и колку се свесни дека транспарентноста во работењето може да ја зголеми вредноста на нивната компанија?
Може да се каже дека компаниите во почетокот од нивната приватизација покажуваа голем степен на затвореност во своето работење и страв од негативни последици од евентуална промена на сопственичката структура. Со текот на времето сопствениците и менаџерите согледаа дека транспарентното работењето може да им обезбеди подобра пазарна позиција, а со тоа и да се зголеми нивната вредност. За ова секако помогна и соодветната законска регулатива, развојот на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност, како и новите правила за тргување на Берзата и обврската за објавување на финансиски и други оперативно деловни податоци. Со ова се отвори патот за инвеститорите да можат покомотно да донесуваат одлуки каде ќе инвестираат, значи се намали ризикот од инвестирање, што индиректно влијаеше и на вредноста на компаниите. И покрај ваквите движења секако дека сеуште постојат компании кои се затворени и нетранспарентни во своето работење, пред се оние кои не котираат на Берзата. Се уште неможе да се каже дека сите наши компании ги практикуваат „corporate gouvernments” во правата смисла за зборот.
6. Дали правите ревизии и за јавните институции, односно министерства, Владата, јавни претпријатија?
Државната ревизија е надлежна за ревизија на јавните иституции, министерствата, владата и јавните претпријатија.
Комерцијална ревизија се бара од јавни претпријатија и проектни единици во рамките на министерствата кои реализираат проекти финансирани од некои меѓународни финансиски институции, а кое барање произлегува од обврските од договорите за користени кредити и добиени донации. Grant Thornton од својот почеток има работено ревизии на поголем број на клиенти јавни претпријатија и проектни единици во рамките на министерствата. Секогаш тие ревизии се работеле на барање на кредиторите или донаторите и биле во согласност со општо прифатените меѓународни стандарди и истите биле одобрувани и прафаќани од нивна страна.
7. Какво е искуството со тие клиенти, дали имате негодувања или притисоци?
Од нашето досегашно искуство може да кажеме дека соработката со нашите клиенти сегогаш била професионална, на високо ново, без притисоци и надворешни влијанија. Сите податоци неопходни за ревизијата секогаш ни биле ставани на располагање без ограничување и пристапот до документацијата не бил лимитиран. Сите наши укажувања биле прифаќани и оценувани како корисни во нивната понатамошна работа, меѓудругото и поради фактот дека понатамошната соработка со донаторите и кредиторите зависи и од наодите на ревизорот. Поради тоа сите овие клиенти настојуваат во нивното работење да ги почитуваат прописите, законите, како и користењето на средствата да биде во согласност со договорените обврски.