Стопанствениците не се најупатени за услугите што ги нудат консултантите

  • Home
  • Press
  • Vladimir Stefanovski intervju za Biznis

1. Важите за најголемата ревизорско консултантска куќа во Македонија која денес брои повеќе од 60-тина вработени експерти. Од кога постои Грант Торнтон во Македонија?

Грант Торнтон е една од светстките водечки ревизорско-консултантски куќи која е присатна во повеќе од 100 земји во светот, брои преку 30.000 вработени и има годишни приходи од 4 милијарди долари. Во Македонија работиме повеќе од 10 години. Нашето седиште е во Скопје, но имаме своја канцелариja во Приштина, Косово, а од оваа година и во Тирана, Албанија.

Од самиот почеток па се до денес, Грант Торнтон во Македонија може да се пофали со постојан двоцифрен раст. Овој забрзан раст е резултат токму на посветеноста на нашиот тим кој денес брои повеќе од 60-тина професионалци во чиј состав има 3 партнери, 12 менаџери и 12 овластени ревизори.

Oсобено не радува довербата што ни ја укажуваат нашите клиенти. Таа се потврдува со фактот дека нашето портфолио брои повеќе од 300 клиeнти,а учеството на Грант Торнтон на пазарот во Македонија и Косово е повеќе од 25%. Успехот се должи на широката палета на услуги што ги нудиме, на нашата посветеност на клиентите, што воедно претставува резултат на cинергијата на локалната експертиза, т.е. познавање на пазарот и “know how”-то кое го имаме како членка на Грант Торнтон Интернешнал.

2. Обезбедувате широк ранг на услуги: ревизија, сметководствени, даночни и бизнис консултации. За што најчесто ви се обраќаат клиентите?

Грант Торнтон инвестира во своите вработени и нивна доспецијализација за голем број и разновидни услуги. Иако во моментов половина од приходите на Грант Торнтон во Македонија се поврзани со ревизијата на финансиските извештаи, се повеќе расте интересот и за консултантските услуги. Нашите клиенти се заинтересирани за: трансакциони услуги, проценки на капитал и средства, проектни финансии, припојувања и превземања, реорганизации, Јавно приватно партнерство и др. Иако можеме да се пофалиме со 70 реализирани договори од областа на трансакционите услуги и припојувања и превземања со вкупна вредност од 1.5 милијарди долари, како и направени проценки со вредност од 1.3 милијарди долари проценети средства, сепак консултантските услуги во Македонија сеуште не се во експанзија. Може да се каже дека стопанствениците се уште не се доволно упатени во се она што ние можеме да им го понудиме на нив како услуга.

3. Кои се бенефитите од една квалитетна ревизија?

Бенефитите од квалитетна ревизија се многукратни. Првенствено сопствениците добиваат соодветно ниво на потврда за работењето на менаџментот, што е основна задача на ревизијата. Но, таа сигурност се однесува и на менаџерите на претпријатието кои исто така добиваат реална потврда за сопствените оствaрувањата и можат со сигурност да се потпрат на ревидираните финансиски извештаи при донесувања на идни правилни одлуки за развојот на компанијата. Квалитетната ревизија несомнено е битна и за останатите поврзани страни како вработените, добавувачите, купувачите и Државата, а од посебено значење се секако и за потенцијалните инвеститори.

Не смееме да не го споменеме и писмото до менаџментот кое како продукт претставува редовна пракса при работење на Грант Торнтон. Преку анализа на контролниот систем на работењето како дел од нашите ревизорски постапки, на менаџментот му даваме препораки за подобрување на истиот, а чија примена несомнено ќе го подигне нивото на квалитетот и успешноста во работењето.

4. Што мислите за новините во Законот за трговски друштва, според кои се воведува обврска да се воспостави служба за внатрешна ревизија во секое акционерско друштво кое е среден или голем трговец? Ќе влијае ли на работењето на ревизорските куќи и што може да се постигне со оваа новина?

Новинатa во Законот за трговски друштва според мене е позитивна, бидејќи службата за интерна ревизија е битен сегмент за квалитетно корпоративно управување. Интерниот ревизор е задолжен за независна и објективна анализа на работењето на Претпријатието и контролниот систем во сите сегменти, за разлика од екстерната ревизија која се фокусира првенстено на финансиските извештаи. Интерните ревизори со своето работење се десна рака на менаџментот во управување со ризиците и поставување на квалитетен контролен систем кој овозможува посигурно работење и заштита од потенцијални измами и неправилности.

Од наше искуство интерната ревизија несомнено влијае и врз нашето работење. Доколку ревизорот оцени дека квалитетот и независноста на интерниот ревизор е на соодветно ниво може да ги редуцира ревизорските постапки, потпирајќи се на работата и наодите на интерниот ревизор. На подолг рок може дури и да влијае на намалување на цената на екстерната ревизија бидејќи би се намалиле работните часови потребни за извршување на истата, што е честа пракса во високо развиените земји каде функцијата на интерната ревизија е веќе долги години етаблирана. Но при донесување на овој закон ќе се соочиме со друг предизвик поврзан со капацитетот на ревизорскиот кадар кој го имаме во Република Македонија. Професијата е сеуште релативно нова, недоволно развиена и дефицитарна, а за соодветно применување на Законот, сите средни и големи друштва да имаат интерен ревизор, потребен е многу поголем број на квалитетни и сертифицирани ревизори отколку што во моментот ги има во нашата земја.

5. Неодамна Grant Thornton го објави интернационален извештај за 2010 година. Според него се зголемува оптимизмот во бизнисите низ светот, додека пристапот кон финансиски средства ќе биде олеснет. Што може да очекуваме во Македонија?

Извештајот покажува дека постои различно ниво на оптимизам во различни делови од светот, но во просек оптимизамот е на повисоко ниво во споредба со предвидувањата на ММФ. Оптимизмот е на најниско ниво во земјите од ЕУ зоната каде што се забележува и постоење на песимизам кај некои нејзини членки, како Грција, Ирска и Шпанија.

Резултатите на ова истражување сугерираат дека за време на рецесијата, бизнисите станаа порестриктивни и трошочно-ефективно ориентирани, што им овозможи намалување на цените и можност да реализираат зголемена добивка, како круцијален елемент. Како што глобалната економија заздравува од рецесијата, ние веројатно ќе имаме можност да видиме многу бизниси кои ќе ги ожнеат придобивките од новата ефикасност, поттикната од рецесијата и кои во исто време ќе станат лидери на патот кон позитивниот пресврт. Оние претпријатија кои во минатата година ги одложија своите инвестиции поради несигурноста од кризата, верувам дека оваа година ќе ги реализираат своите проекти, а воедно и пристапот до средства ќе биде олеснет поради се порелаксираните кредитни политики од страна на Банките.

6. Македонските компании се сеуште затворени. Кои се предностите од транспарентноста во работењето?

Транспарентноста, порано или подоцна, едноставно ќе стане стандард во работењето, а не прашање на желба на компаниите. Ова е особено изразено во пост Енронската ера кога скандалот имаше далекусежни последици по инвеститорите и останатите засегнати страни. Стандардите сега се поставени на многу високо ниво во развиените земји, а истите ќе бидат прифатени и кај нас. Мораме да разбереме дека транспарентноста не е неминовно зло кое мора да се прифати. Тоа е позитивно и за самите компании бидејќи ги одделува инвестициите кои се профитабилни од оние кои се помалку профитабилни или кои работат со загуба, што води кон идна подобра алокација на средствата, а со тоа и до раст на економијата во целост.

7. Колку годишната сметка ја прикажува објективно состојбата и успешноста на друштвото, вообичаено во сите извештаи стои дека ревизорите стојат зад резултатите кои се прикажуваат. Но, во јавноста можат да се видат и коментари од типот дека извештаите се „монтирани“, Вашето мислење?

Екстерната ревизија е важна алка на доброто корпоративно управување, ставајќи ја одговорноста на менаџментот за работењето пред сопствениците. Секако, од друга страна, ревизиите кои ги вршиме се комерцијални, односно платени од самите претпријатија поради што во јавноста постои вечната дебата за независноста на ревизорите. Затоа ние во Грант Торнтон покрај вршењето на квалитетна ревизија од технички аспект особено значење придаваме и на следење на етичките стандарди кои се особено значајни во нашата професија.

Етичкиот кодекс опфаќа повеќе области на кои се базира ревизорската професија, а ги вклучува следниве: независност, доверливост, компетентност и објективност. Тие области поконкретно опфаќаат: наше не вклучување во вршење на други консултантски услуги кај клиент на кој вршиме ревизорска услуга, забрана за правење на ревизија за период подолог од пропишаниот, лични контакти и сл. Следејќи го токму кодексот на ревизорска етика не би се впуштал во одговор на Вашето прашање дали ревизорските извештаи се “монтирани”, бидејќи сметам дека секој од нас ревизорите е доволно свесен за последиците со кои ќе се соочи доколку не ги следи истите.

8. Како гледате на промените во Законот во делот на сметководството, се пропишува обврска за малите и другите трговци сметководството да го водат согласно меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти. Со предложените измени во голема мера ќе се намали товарот кој овие субјекти го имаа со примената на целиот сет на меѓународните стандарди за финансиско известување при водењето на сметководството.Сега освен билансот на состојба и билансот на успех како задолжителен елемент на годишната сметка се пропишуваат и објаснувачките белешки.

Меѓународниот сметководствен стандард за известување за мали и средни претпријатија беше донесен во јули мината година. Со истиот ќе се опфатат околу 95% од вкупниот број на претпријатија кои врз основа на овој стандард ќе мора да ги приготвуваат сопствените финансиски извештаи. Стандардот секако ќе изискува помалку отколку целиот сет на меѓународните стандарди на финансиско известување, што ќе го олесни работењето на оние МСП кои работеле во согласност со Меѓународните сметководствени стандарди. Сепак, важноста на стандардот е повеќе во насока да привлече нови претпријатија кои досега не работеле во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Секако тоа ќе донесе одредени дополнителни трошоци на краток рок, но гледано во целина барањата на стандардот не се преголеми бидејќи нашето националното законодавство и во моментот е блиску до меѓународните стандарди. Дополнително, оние мали и средни претпријатија кои размислуваат за работење надвор од рамките на државата, можноста за нивна споредливост со останатите во моментов е невозможна имајќи ги во предвид разликите во локалните стандарди на сите земји.

9. Дали вашите услуги ги користат и компании од регионов?

Покрај услугите што ги нудиме во земјата можеме да кажеме дека претставуваме и фирма извозник на услуги во регионов. Околу 40% од нашите приходи доаѓаат надвор од Македонија. За пример би го навел пазарното учество од 50% во ревизија на осигурителните компании во Косово. Голем дел од успехот е со наше дирекно залагање, но дел е секако и поради мрежата на комапнии што ја има Грант Торнтон Интернешнал.

Исто така, имаме реализирано голем број на успешни проекти за влади, агенции како и приватни и јавни претпријатија од најразлични области. Нашиот специјализиран тим за трансакции, спојувања и продажби, реконструкција и советодавни услуги е водечки во бројот на договори во Балканскиот регион. Во портфолиото на корисници на нашите услуги во регионов се наоѓаат светстки познатите имиња како: Coca Cola, Deutche Telekom, Societe Generale, Viena Insurance group, Кроација осигурување, EBRD, итн.

10. Дали може да кажеме дека Грант Торнтон е општествено одговорна компанија?

Ние во Грант Торнтон придаваме големо внимание на корпоративната општествена одговорност. Даваме поддршка на организации кои се активни во општествено одговорни цели, но исто така и нашите вработени дирекно волонтирале во одредени проекти. Посебно би ги споменал следните проекти: тенискиот турнир во соработка со Американската Стопанска Комора во Македонија, каде собраните пари беа донирани во Дневниот Центар “Порака” од Неготино; донацијата во Домот за деца без родители “11 Октомври”; учеството на AIESEC Career days; интернационалната ликовна колонија “Дебарца”; како и фактот дека бевме главен партнер на пливачкиот клуб Делфин, кој е еден од најголемите во државата.

Активно учествуваме и во развојот на бизнис заедницата и економијата преку проекти како “Македонија во 2009 година” во организација на Европскиот клуб и Б2Б собирот во соработка со Американската Стопанска Комора во Косово, со идеа и цел за соединување на бизнис заедниците од двете соседни земји. Исто така, Грант Торнтон е член на Vienna Economic Forum, економски форум кој ја промовира економската соработка и можностите за инвестирање во регионот од Јадранското до Црното море.