1. Што мислите за новините во Законот за трговски друштва, според кои се воведува обврска да се воспостави служба за внатрешна ревизија во секое акционерско друштво кое е среден или голем трговец?
Новинатa во Законот за трговски друштва според мене е позитивна, бидејќи службата за интерна ревизија е битен сегмент за квалитетно корпоративно управување. Интерниот ревизор е задолжен за независна и објективна анализа на работењето на Претпријатието и контролниот систем во сите сегменти, за разлика од екстерната ревизија која се фокусира првенстено на финансиските извештаи. Интерните ревизори со своето работење се десна рака на менаџментот во управување со ризиците и поставување на квалитетен контролен систем кој овозможува посигурно работење и заштита од потенцијални измами и неправилности.
Од наше искуство интерната ревизија несомнено влијае и врз нашето работење. Доколку ревизорот оцени дека квалитетот и независноста на интерниот ревизор е на соодветно ниво може да ги редуцира ревизорските постапки, потпирајќи се на работата и наодите на интерниот ревизор. На подолг рок може дури и да влијае на намалување на цената на екстерната ревизија бидејќи би се намалиле работните часови потребни за извршување на истата, што е честа пракса во високо развиените земји каде функцијата на интерната ревизија е веќе долги години етаблирана. Но при донесување на овој закон ќе се соочиме со друг предизвик поврзан со капацитетот на ревизорскиот кадар кој го имаме во Република Македонија. Професијата е сеуште релативно нова, недоволно развиена и дефицитарна, а за соодветно применување на Законот, сите средни и големи друштва да имаат интерен ревизор, потребен е многу поголем број на квалитетни и сертифицирани ревизори отколку што во моментот ги има во нашата земја.
2. Кои се бенефитите од една квалитетна ревизија?
Бенефитите од квалитетна ревизија се многукратни. Првенствено сопствениците добиваат соодветно ниво на потврда за работењето на менаџментот, што е основна задача на ревизијата. Но, таа сигурност се однесува и на менаџерите на претпријатието кои исто така добиваат реална потврда за сопствените оствaрувањата и можат со сигурност да се потпрат на ревидираните финансиски извештаи при донесувања на идни правилни одлуки за развојот на компанијата. Квалитетната ревизија несомнено е битна и за останатите поврзани страни како вработените, добавувачите, купувачите и Државата, а од посебено значење се секако и за потенцијалните инвеститори.
Не смееме да не го споменеме и писмото до менаџментот кое како продукт претставува редовна пракса при работење на Грант Торнтон. Преку анализа на контролниот систем на работењето како дел од нашите ревизорски постапки, на менаџментот му даваме препораки за подобрување на истиот, а чија примена несомнено ќе го подигне нивото на квалитетот и успешноста во работењето.
3. Македонските компании се сеуште затворени и нетранспаренти. Кои се предностите од отвореноста во работењето?
Транспарентноста, порано или подоцна, едноставно ќе стане стандард во работењето, а не прашање на желба на компаниите. Ова е особено изразено во пост Енронската ера кога скандалот имаше далекусежни последици по инвеститорите и останатите засегнати страни. Стандардите сега се поставени на многу високо ниво во развиените земји, а истите ќе бидат прифатени и кај нас. Мораме да разбереме дека транспарентноста не е неминовно зло кое мора да се прифати. Тоа е позитивно и за самите компании бидејќи ги одделува инвестициите кои се профитабилни од оние кои се помалку профитабилни или кои работат со загуба, што води кон идна подобра алокација на средствата, а со тоа и до раст на економијата во целост.
4. Колку годишната сметка ја прикажува објективно состојбата и успешноста на друштвото, вообичаено во сите извештаи стои дека ревизорите стојат зад резултатите кои се прикажуваат. Но, во јавноста можат да се видат и коментари од типот дека извештаите се „монтирани“, Вашето мислење?
Екстерната ревизија е важна алка на доброто корпоративно управување, ставајќи ја одговорноста на менаџментот за работењето пред сопствениците. Секако, од друга страна, ревизиите кои ги вршиме се комерцијални, односно платени од самите претпријатија поради што во јавноста постои вечната дебата за независноста на ревизорите. Затоа ние во Грант Торнтон покрај вршењето на квалитетна ревизија од технички аспект особено значење придаваме и на следење на етичките стандарди кои се особено значајни во нашата професија.
Етичкиот кодекс опфаќа повеќе области на кои се базира ревизорската професија, а ги вклучува следниве: независност, доверливост, компетентност и објективност. Тие области поконкретно опфаќаат: наше не вклучување во вршење на други консултантски услуги кај клиент на кој вршиме ревизорска услуга, забрана за правење на ревизија за период подолог од пропишаниот, лични контакти и сл. Следејќи го токму кодексот на ревизорска етика не би се впуштал во одговор на Вашето прашање дали ревизорските извештаи се “монтирани”, бидејќи сметам дека секој од нас ревизорите е доволно свесен за последиците со кои ќе се соочи доколку не ги следи истите.
5. Дали извезувате финансиски услуги? И какви услуги?
Седиштето на Грант Торнтон Македонија се наоѓа во Скопје, но имаме своја канцелариja во Приштина, Косово, а од оваа година и во Тирана, Албанија. Нашето портфолио брои повеќе од 130 клиeнти, а учеството на Грант Торнтон на пазарот во Македонија и Косово е повеќе од 25%.
Покрај услугите што ги нудиме во земјата можеме да кажеме дека претставуваме и фирма извозник на услуги во регионов. Околу 40% од нашите приходи доаѓаат надвор од Македонија. За пример би го навел пазарното учество од 50% во ревизија на осигурителните компании во Косово. Успехот се должи на широката палета на услуги што ги нудиме, на нашата посветеност на клиентите, што воедно претставува резултат на cинергијата на локалната експертиза, т.е. познавање на пазарот и “know how”-то кое го имаме како членка на Грант Торнтон Интернешнал.
Во моментов половина од приходите на Грант Торнтон во Македонија се поврзани со ревизијата на финансиските извештаи, но постои интерес и за консултантските услуги. Нашите клиенти се заинтересирани за: трансакциони услуги, проценки на капитал и средства, проектни финансии, припојувања и превземања, реорганизации, Јавно приватно партнерство и др. Можеме да се пофалиме со 70 реализирани договори од областа на трансакционите услуги и припојувања и превземања со вкупна вредност од 1.5 милијарди долари, како и направени проценки со вредност од 1.3 милијарди долари проценети средства.
Исто така, имаме реализирано голем број на успешни проекти за влади, агенции како и приватни и јавни претпријатија од најразлични области. Нашиот специјализиран тим за трансакции, спојувања и продажби, реконструкција и советодавни услуги е водечки во бројот на договори во Балканскиот регион. Во портфолиото на корисници на нашите услуги во регионов се наоѓаат светстки познатите имиња како: Coca Cola, Deutche Telekom, Societe Generale, Viena Insurance group, Кроација осигурување, EBRD, итн.